Сигурно на сите ни се случила коинциденција на два или повеќе настани кои немаат каузална врска но нивната поврзаност има смисла, оваа загадочна појава е позната како Синхроницитет.
На пример, некоја песна упорно ви се врти в глава, го пуштате радиото и во тој момент започнува токму таа песна. Одите во книжарница, но не знаете што точно сакате да купите, одеднаш од полицата паѓа книгата која ви треба. Мислите на некоја личност, излегувате надвор и зад првиот свиок ја здогледувате истата личност или само што сте помислиле на некого и ви ѕвони телефонот, тоа е токму личноста на која сте помислиле. Се возите со лифт, помислувате колку би било лошо ако се заглави лифтот и токму тоа се случува во моментот. Барате место за паркинг на место каде што е практично невозможно да се најде, и одеднаш автомобилот пред вас штотуку излегува и ви ослободува простор. ![]()
Примери има безброј, и обично за секого имаат некое субјективно значење. Токму тука е и акцентот на оваа појава, во значењето што го има одредена коинциденција за нас. Навидум случајна, но некако со преголема смисла за да биде „само случајност“.
Поимот го воведува Карл Густав Јунг, некаде при крајот на својот живот во 1952 година. Кога настаните се појавуваат синхроно, но без каузална поврзаност, а сепак со некаква смисла велиме дека се појавиле според начелото на синхроницитет.
Според Јунг, синхроницитетот не ја става под знак прашалник каузалноста ниту пак сака да ја замени како концепт. Наместо тоа, вели дека како што настаните може да бидат поврзани каузално, можат да бидат поврзани и по значење. Па така, синхроното појавување на настаните не мора нужно да има причинско-последично објаснување.
![]()
Некаде во средината на минатиот век, овој концепт Јунг го дискутирал со двајца познати физичари, нобеловци, Алберт Ајнштајн и особено со Волфганг Паули, со кого имал и повеќекратна писмена преписка. Поводот за нивното запознавање, сепак не бил синхроницитетот, туку личната криза низ која поминувал Паули во тоа време и заради која отишол кај Јунг на Терапија. Јунговата терапија на индивидуација земала се поголем замав откако раскрстил со Фројд заради неговото преусилено форсирање на либидото како универзален експлинаторен принцип.
Најпрвин со Паули работела ученичката на Јунг, Ана Розенбаум, но потоа Јунг сметал дека самиот треба да го превземе. Притоа покрај терапијата, се развила дискусија меѓу нив за поврзаноста на умот и материјата која продолжила понатаму и во вид на писма.
![]()
Во дискусиите со овие двајца физичари сметал дека може да се повлече паралела помеѓу синхроницитетот и одредени аспекти на квантната теорија и теоријата на релативитет. Јунг бил убеден дека животот не е само след на безначајни случајни настани туку е израз на еден подлабок природен ред, кој тој и Паули го нарекле Unus Mundus (Еден Свет - од латински, Јунг и Паули мислеле на единственост на светот). Јунг сметал дека неговите концепти за архетипите и синхроницитетот веројатно се поврзани и можат да се објаснат токму со Unus Mundus. Архетипите се израз на овој единствен свет, а синхроницитетот е овозможен заради тоа што и набљудувачот на тој феномен и поврзаните настани произлегуваат од истиот извор, Unus Mundus. Мора да се нагласи сепак дека тој ова го сметал како хипотеза на која допрва треба да се поработи за да се потврди, а не како готов концепт.
![]()
За повеќето мејнстрим научници ваквите искуства, без оглед на тоа што се чудни и не толку ретки, се во согласност со познатите природни закони на случајноста. Настануваат не заради некаква божествена или мистична сила туку заради самата статистичка возможност да се случат. Според нив, непознавањето на природните закони, предизвикува да потпаднеме под суеверни мисли и идеи и да си измислуваме натприродни причини онаму каде што ги нема. Уште повеќе, според овие статистичари рационалисти, повременото случување на необичните и ретки настани во секојдневниот живот не само што е можно туку е и неизбежно.
Да го објасниме нивното гледиште со пример. Да речеме дека во рацете држите обичен шпил карти, 52 на број, кој добро сте го измешале. Веројатноста пресметана со математичка формула да поделите определени 13 карти од шпилот е 635 000 000 000 наспрема еден. Толкав е можниот број на комбинации од 13 карти. Според статистичарите, секоја од овие комбинации има подеднакви шанси да се појави и со сигурност една од комбинациите ќе биде поделена. Значи, било која комбинација да е поделена, дури и оние кои ни се чинат како најневеројатни, од аспект на веројатноста таа е само една од подеднакво можните појави, од кои со сигурност една мора да се случи.
![]()
За некои ваквата поставеност на работите делува освестувачки и нивното размислување околу оваа проблематика прекинува тука. Но, за други, меѓу кои низа нобеловци од минатото и денес, ваквото објаснување едноставно не задоволува. Многумина ја гледаат некаузалната коинциденција како нешто што е придружено кон една повисока, трансцедентна сила, би можела да се нарече „космички лепак“, кој ги поврзува случајните настани заедно во една кохерентна структура која има смисла. На сите им е јасна ригидноста на статистичкото објаснување, но што правиме со другиов аспект? Дали навистина може да постои ваков хармонизирачки принцип? Или можеби скептиците се сепак во право кога ова го сметаат за празноверие и наивно посакување, утешителен мит кој се изнедрил од интелектуалната нелагодност и каприциозноста на случајноста?
![]()
Математичарот Ворен Вивер опишува еден случај за кој бројките во однос на математички искалкулираната веројатност се исклучително големи и кој дури и скептиците ги подзамислува околу статистичката интерпретација на навидум некаузално поврзаните настани со смисла. Имено, членовите на еден црковен хор во гратчето Беатрис во Небраска, обично многу редовни и точни на пробите, имале вечерен термин во 19:20 часот. Но, се случило нешто многу чудно на 1ви март 1950 година, од 15 луѓе кои требало да пристигнат во закажаниот термин, никој не се појавил. Сите имале по некоја, би се рекло банална причина за да задоцнат. Свештеникот, неговата жена и ќерка, задоцниле затоа што мајката го пеглала фустанчето на ќерката. Друга девојка морала да ја доврши домашната по геометрија, две девојки чекале да дозаврши интересно радио шоу, на друг колата не сакала да запали и така сите секој од своја, сосема обична причина не се појавил во закажаниот термин во 19:20, часот. Значи, 10 неповрзани настани спречиле 15 луѓе да се појават на закажаната проба. Во 19:25 часот, црквата била уништена од експлозија. Се разбира, сите членови на хорот го прогласиле ова како „божје дело“.
![]()
Рака на срце, ова не е ни оддалеку единствен чуден феномен кој се случил а е тешко да се објасни само со статистичкото толкување на случајноста, весниците и порталите се преполни со нив. Но дали е тоа доволно за сериозно да побараме поинакво толкување од статистичкото?
Ваквите коинциденции според некои се со преголема смисла, со преголем ред, за да бидат производ на случајноста што остава една конфликтна ситуација за нивна интерпретација. Не знаеме каде и како да ги сместиме.
Јунг сметал дека традиционалното сфаќање на причинско-последичните односи не ни нуди можност за објаснување на некои поневеројатни форми на коинциденција. Кога е јасно дека нема каузална поврзаност помеѓу два настани, но сепак постои смисла во нивната поврзаност, изгледа дека функционира сосема поинаков принцип на случување. Овој принцип тој го нарекол синхроницитет и истражувајќи го феноменот на колективното несвесно, започнал да набљудува вакви коинциденции кои биле смисловно поврзани и се појавувале како за инает на статистичките калкулации за веројатност.
![]()
Со оглед на тоа што Јунг сметал дека феноменот на синхроницитет во примарна смисла е поврзан со парапсихолошки, спиритуални услови, сметал дека ваквото удвојување на внатрешната (субјективна) и надворешната (објективна) реалност еволуирало преку влијанието на архетипите, шаблони кои се наследени во човечката психа и споделени од целото човештво. Овие шаблони, или „праисконски слики“ како што ги нарекувал Јунг, го сочинуваат колективното несвесно, претставувајќи динамички извор за целата човечка конфронтација со смртта, конфликтите, љубовта, сексот, преродувањето и мистичните искуства. Кога еден архетип ќе се активира како последица на емоционално набиен настан (некоја трагедија на пример), останатите поврзани настани се со тенденција да бидат привлечени. На овој начин, архетипот станува влезна порта која ни овозможува пристап кон доживувањето на коинциденции со смисла (неретко просветлувачки за нас).
![]()
Имплицитно на Јунговиот концепт на синхроницитет е верувањето за крајната „единственост“ на универзумот. Овој феномен ги издава чудните меѓузависности на објективните елементи кои ги имаат меѓу себе, но и со субјективните (психичките) состојби на набљудувачот. Јунг тврдел дека пронашол докази за ваквата меѓузависност, не само при неговите психијатриски проучувања, туку и преку истражувањата во езотеријата. Проучувајќи ги класичните кинески текстови во кои се опишани теории за медицината, филозофијата, градењето итн., тој утврдил дека се базираат на своевидна „наука“ за коинциденциите со смисла. Во нив, кинезите не се прашуваат што предизвикува што, туку што „сака“ да се појавува со што. За КинескатаКнига на Промената (I Ching, алтернативно - Јиџинг), кинески метод на гатање, Јунг сметал дека е јасна експресија на принципот на синхроницитет, а истото го сметал и за астрологијата во која сметал дека се кријат интуитивните тајни на небесата со чија помош може да се дојде до јадрото на психолошките вистини. За своите погледи тој го информирал преку писмо и Фројд, а овој како строг материјалист, вознемирено му вратил дека треба да се опамети затоа што навлегол во „црната кал на окултизмот“.
![]()
Но, Јунг всушност, при дефинирањето на својот концепт за синхроницитет не бил толку под влијание на езотеричното колку на физиката. Новата физика на дваесеттиот век, ослободувајќи се од стегите на цврстиот материјализам и експериментално набљудувајќи го атомарниот и субатомарниот свет на енергетски вибрации, му дала за право да претпоставува дека материјата и свеста се поврзани на суштински начин, функционирајќи како комплементарни аспекти на унифицираната реалност.
![]()
Верувањето дека материјата и свеста се испреплетени, кое го претполага квантната теорија известувајќи за настани проткаени со синхроницитет, е далеку од ново. Она што Кестлер го смета за способност на човечката психа да се однесува како космички резонатор, сосема се совпаѓа со гледиштата на Кеплер и Пико. Лајбницовиот систем на монади е спиритуален микрокосмос кој ги огледува шаблоните на универзумот, се базира на претпоставката дека индивидуата и универзумот си го втиснуваат влијанието меѓу себе во согласност со принципите на предодредената хармонија. За Шопенхауер, кој исто така се сомнева во ексклузивниот статус на механичката каузалност, се е исповрзано и взаемно наштимано. Сите овие и многу други за своја основа ја имаат претпоставката дека постои фундаментално единство на сите нешта кое ја трансцедентира механичката каузалност и ја поврзува коинциденцијата со универзалната структура на нештата, матрицата, која Jунг и Паули ја нарекуваат Unus Mundus.
![]()
Денес, се погласна е алијансата на квантни физичари, невронаучници, парапсихолози и мистици, кои пропагираат поинаков поглед на свет од оној дека универзумот функционира како некоја голема машина. Најновите експерименти во физиката на субатомарните конституенти на светот оди во прилог токму на еден поинаков начин на гледање на работите, каде материјата, енергијата и свеста се фундаментално обединети. Синхроничните настани, а веројатно со нив и еден поширок спектар на паранормални феномени, ќе бидат ослободени од стигмата на окултизмот и нема да бидат третирани како нешто вознемирувачко. Во таков случај, нашата перцепција на светот, всушност нашиот свет, засекогаш ќе се промени.
|
Sunday, June 16, 2013
Синхроницитет
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment