Садизам и Мазохизам
Одделени или заедно сигурно сте слушнале за овие два поими, но да ги објасниме подетално.
Садизмот претставува доживување на сексуално задоволство или гратификација при нанесување на болка и страдање на друга личност. Во медицинската класификација сместен е во групата парафилии. Потеклото на зборот е изведено според Французинот Маркиз Де Сад, плоден писател на садистички новели.
Спротивниот поим на садизмот е мазохизмот. Тој претставува доживување на сексуално задоволство при нанесена болка или страдање врз себе од страна на друга личност. Мазохистите најчесто имаат сексуални фантазии или нагони во кои се тепани, врзувани, тортурирани или им е нанесено страдање на било каков начин, или како дополнение или пак како замена за сексуалното задоволство. Името на мазохизмот е изведено исто така од еден автор Леополд фон Захер-Мазох, кој творел во 19 век, а негово најпознато дело е Венера во Крзно во кое се опишани крајно мазохистички теми.
Во денешно време овие термини вообичаено се користат за опишување на црти на личноста повеќе во емоционална отколку во сексуална смисла. Иако многу поразлична од нивното оригинално значење, оваа употреба не е и целосно неточна. Во најчест случај кон сексуалната желба придружен е и емоционален аспект, кој зема облик на потреба за доминација или субмисија - желба да се контролира или да се биде контролиран од друга личност, во спротивност на простата желба за болка (која технички се нарекува алголагнија).
Вообичаено, постои согласност дека желбата за доминација или потчинување е всушност главната движечка сила за садомазохизмот, при што давањето или примањето на болка служи единствено како активна стимулација за поткрепување на овие чувства. Овој поглед е подржан од самата природа на садомазохистичкото однесување. Мазохистот, воопштено гледајќи, не доживува задоволство од било каков вид на болка, туку само во контекст кога болката му ја нанесува некој доминирачки авторитет, и обично само таков контекст кој е од сексуална природа. Слично, садистот единствено доживува задоволство кога нанесува болка во услови кога причината е казнување и контрола, и честопати заради индиректното задоволство на мазохистот. Многу садомазохистички активности вклучуваат само умерена болка или нелагодност. Најчесто се фокусирани на играњето улоги.
Биологијата на Садомазохизмот
Болката, насилството, сексот и љубовта се поврзани со испуштање на цела низа различни хормони и хемикалии во човечкото тело. Уште повеќе, докажано е дека луѓето покажуваат сочувствителни реакции во нивните тела кога гледаат, слушаат или си замислуваат вакви искуства.
- Нивото на половиот хормон тестостерон може привремено да биде под влијание на улогата која некој ја има при садомазохистичката интеракција. Кај оние со доминантна улога се забележува покачување на нивото на тестостерон, додека кај субмисивните ова ниво се намалува.
- Под влијание на болката се испуштаат ендорфини кои може да се доживеат задоволувачки па дури и со зависнички потенцијал.
- При напорот на мускулите се лачи млечна киселина која исто така се доживува задоволувачки.
- Хемикалиите кои се лачат во мозокот, како што се серотонинот и мелатонинот, може да бидат под влијание на емоционалното и стресно искуство. Ефектите на садомазохизмот врз хемијата на телото во најчест случај се такви што го поткрепуваат ваквото однесување па притоа создаваат и психолошка состојба која бара тоа да се повторува и продлабочува. Според некои автори, прекумерното впуштање во вакви активности може да доведе до силно нарушување на хемискиот баланс во организмот при што се јавува лесна ментална ретардација.
Психологија на Садомазохизмот
Термините садизам и мазохизам доследно опишувајќи ги овие однесувања првично беа употребени од германскиот психијатар Рихард Фрајхер фон Крафт-Ебинг во неговата книга Психопатија Сексуалис, славна студија за сексуалната перверзност. Неговиот современик, психоаналитичарот Сигмунд Фројд, забележал дека овие две појави честопати може да се најдат во иста индивидуа, па ги искомбинирал двете во единствен дихотомски ентитет - садомазохизам. Ваквата опсервација на Фројд често е верификувана како во литературата така и во практиката. Уште повеќе, многу садисти и мазохисти се дефинираат себеси како „преклопливи“, односно способни да уживаат и во едната и во другата улога.
И двајцата, Крафт-Ебинг и Фројд, дале претпоставка дека садизмот кај мажите настанува со дисторзија на агресивната компонента содржана во машкиот сексуален нагон. Е сега, од аспект на нарушување, мазохизмот кај мажите бил разгледуван како многу позначајно отстапување, кое е во спротивност со машката сексуална природа. Фројд се сомневал дека мазохизмот кај мажот во било која варијанта може да постои како примарна тенденција, па сметал дека тој може да постои единствено како трансформација на садизмот. Садомазохизмот кај жените, барем во овој период, не добил големо внимание во дискусиите на научните кругови, затоа што се сметало дека тој претежно се појавува кај мажите. И двајцата сметале дека мазохизмот е толку нераздвоен од женската сексуалност што би било тешко да се направи посебна склоност.
Хавелок Елис, во своите Студии за Психологијата на Сексот, дискутира дека нема јасна дистинкција помеѓу аспектите на садизмот и мазохизмот, па тие треба да се гледаат како комплементарни емоционални состојби. Тој исто така поентира дека поврзаноста на садомазохизмот со болката е само во однос на сексуалното задоволство, а не во врска со суровоста, како што претпоставил Фројд. Со други зборови, садомазохистот посакува болката да ја нанесува или да му биде нанесена заради љубов, а не заради злоставување, со цел задоволство кај едниот или двата учесници во садомазохистичкиот акт. Ова заедничко задоволство може дури да биде и неопходно за вклучените во тој акт да бидат сексуално задоволени.
Во оваа точка Елис ја допира често парадоксалната природа на консензуалниот садомазохизам. Не само што е потребна болката за да предизвика задоволство, туку и насилството - или стимулацијата на насилството - е потребно за да се изрази љубов. Овој контрадикторен карактер на садомазохистичкиот акт можеби најдобро се гледа преку нотацијата на многумина дека не само што садомазохистичките активности обично се прават на барање на мазохистот, туку и дека најчесто мазохистот е оној кој што ги контролира, преку суптилни емоционални знаци кој ги прима садистот.
Во својот есеј Студенилото на Суровоста, Жил Делуз го оспорува терминот „садомазохизам“ како вештачки, особено во контекст на прототипното мазохистичко дело на Захер-Мазох, Венера во Крзно. Наместо тоа, смета Делуз, објаснувањето за тенденцијата кон мазохизмот лежи во желбата која се јавува заради одложената гратификација. Ако се доведе до екстремни граници, како своевидно бесконечно одлагање, тоа се манифестира како вечно студенило. Мазохистот влече задоволство од, како што вели Делуз, Договорот: процесот преку кој тој може да контролира друга индивидуа и да ја претвори во некој студен и груб. Садистот пак, од друга страна, влече задоволство од Законот: неизбежната моќ која става една личност над друга. Садистот се обидува да го уништи егото во напор да ги соедини идот и суперегото, со цел задоволување на најбазичните желби кои може да ги изрази еден садист игнорирајќи ја или целосно потиснувајќи ја волјата на егото, или таа на свеста. Така, Делуз се обидува да покаже дека Садизмот и Мазохизмот се издигаат од толку различни импулси што комбинацијата од двата термина е безначајна и не носи во заблуда. Перципираните садистички способности на мазохистите според Делуз се реакција на мазохизмот. Навистина, во епилогот на Венера во Крзно, ликот на Северин станува огорчен од неговиот експеримент со мазохизмот, и на крај силно се залага за доминација врз жените.

Многу теоретичари, особено застапниците на феминистичките теории, сметаат дека садомазохизмот е нераздвоен дел од нашата култура. Според овие теории, и сексот и врските постојано се учи да се формулираат во рамки на машка доминација и женска субмисивност. Некои од нив одат понатаму па ја поврзуваат оваа теза за хипотетичката рамка со нееднаквоста меѓу половите, класите и расите која останува значаен дел од општеството, и покрај напорите на движењата за граѓански права и феминизмот. Како и да е, степенот до кој овие влијание реално ја тангираат сексуалноста, било свесно или несвесно, е непознат, па валидноста на оваа теорија за социјално-обусловен женски мазохизам е многу сомнителна.

Постојат многу причини кои обично се даваат како објаснување зошто садомазохистите уживаат во практикувањето на таквите акти, кои главно зависат од индивидуите. За некои, играњето улога на подаништво и беспомошност им нуди една форма на терапевтско бегство, од стресовите во животот, од одговорноста, од вината. За други, да се биде под моќта на силно, контролирачко присуство може да евоцира чувства на сигурност и заштита асоцирани со детството. Тие исто така може да се здобиваат со задоволство од добивањето на одобрение од таа фигура. Садистот пак, од своја страна, може да ужива во чувството на моќ и авторитет кое доаѓа од играњето на доминантната улога или да се здобива посредно со задоволство преку страдањето на мазохистот. Сепак, мора да се признае дека недоволно е објаснето што точно ги поврзува овие емоционални искуства со сексуалната гратификација, или како таа врска иницијално се создава.

Меѓу психолозите обично постои согласност дека искуствата во раниот сексуален развој може да имаат значаен ефект врз карактерот на сексуалноста подоцна во животот. Па сепак, мора да се истакне дека садомазохистичките желби се формираат на различни возрасти. Некои индивидуи кажуваат дека ги имале уште и пред пубертетот, додека други ги откриле кај себе дури во многу подоцнежна возраст. Според една студија, главнината на мажите садомазохисти (53%) го развиле својот интерес пред 15 годишна возраст, додека главнината на жените (78%) ги развиле своите интереси подоцна (студијата е на Бреслоу, Еванс и Лангли од 1985 година). Како и сексуалните фетиши, садомазохизмот може да се научи преку условување, во овој контекст, повторувањето на асоцијативната врска на сексуалното задоволство со некој објект или стимул.
Садизмот и мазохизмот во реалниот живот
Терминот Садомазохистички Акт во реалноста ги опишува вообичаените активности меѓу две согласни возрасни единки кои содржат садистички и мазохистички елементи. Многу однесувања како што е еротското плескање и љубовните гризнувања за кои многу луѓе сметаат дека не се ништо повеќе од малку „погруб“ секс исто така содржат елементи на садомазохизам.
Во некои екстремни случаи, садизмот и мазохизмот може да вклучуваат фантазии, сексуални нагони или однесувања кои може да предизвикаат значајно растројство или оштетување на социјален, професионален и друг план од функционирањето на индивидуата, до точка кога тие може да се сметаат за дел од ментално нарушување. Како и да е, ова не е многу честа појава, па психијатрите во денешно време се повеќе склони да гледаат на садизмот и мазохизмот не како на нарушувања сами за себе, туку само како нарушувања кои се поврзани со други проблеми и нарушувања на личноста.
Садизмот како мотивација за криминал
Сосема мал број на индивидуи со нарушување прават криминални дела со силен садистички елемент. Ова генерално се смета дека е последица на нарушувања во личноста. Многу сериски убијци имале силни садистички елементи во својата личност. Во поново време има теории кои се обидуваат да докажат дека многу од овие нарушувања во личноста биле предизвикани од оштетувања во мозокот.